Премиера на претставата „Олд Сејбрук“ и прикажување на групната меѓународна изложба „Периферии“
Во претставата два пара елегантни њујорчани оддаваат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада, под површината, ќе откриеме низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации.
Во Театар Комедија вечер премиерно ќе биде прикажана претставата „Олд Сејбрук“ на Вуди Ален, во режија на Нина Николиќ. Претставата е дел од меѓународниот проект ПРОСПЕР и е инспирирана од уметничката резиденција одржана во Охрид, а го отвора прашањето за односот на поединецот кон природата.
Во претставата два пара елегантни њујорчани оддаваат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада, под површината, ќе откриеме низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации. Тргнувајќи од една едноставна ситуација, американскиот сценарист и режисер Вуди Ален ги преиспитува темите на верност и сладострастност, брачните кризи и неверството. Во малку чеховски манир, но низ забавни и неочекувани пресврти и со остар динамичен дијалог, карактеристични за Аленовото перо, се разоткриваат деликатни љубовни односи и се отвораат прашања за простувањето и за новите почетоци.
Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски. Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Барачков – драматург; Ивана Каранфиловска Угуровска – костимографка; Илина Ангеловска – сценографка; Оливер Јосифовски – композитор; Димитриос Сотириу – сценски движења; Крис Јегер – дизајн на светло; Сара Митова – дизајн на плакат.
Во рамките на премиерата, на малата сцена на Театар Комедија ќе биде прикажана и групната меѓународна изложба ПЕРИФЕРИИ, која настана за време на триесетдневната резиденција на осуммина меѓународни уметници кои престојуваа во Охрид во април 2024 година.
