Таравари: Денеска се враќаат пет пациенти од странство, 23 се лекуваат на домашните клиники
Министерот за здравство, Арбен Таравари со најнови информации за состојбата на повредените во пожарот во кочанската дискотека. Денес се враќаат уште пет пациенти од странство, четворица од Шпанија и еден од Грција...

Во моментов на скопските клиники се лекуваат 23 пациенти повредени во трагичниот настан во Кочани, а над 20 се испратени на домашно лекување, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од хоспитализираните, четворица се на скопските клиники, двајца на Клиниките за пластична хирургија, двајца на токсикологија, во хируршкиот клинички центар „Св. Наум Охридски“ има шест пациенти, во „8 Септември“ девет, додека во приватната болница Систина има четворица. Сите се во стабилна состојба, нагласи министерот Таравари.
Додаде дека доаѓаат добри вести и од странските болници. Вчера, покрај тоа што од Србија се врати еден пациент, исто така вратена е и пациентка од Бугарија. Денес се враќаат уште пет пациенти, четворица од Шпанија и еден од Грција. Како што налага протоколот, во првите 24 часа тие ќе бидат сместени на скопските клиники, а со одлука на конзилиумот ќе може да бидат пуштени на домашно лекување.
Утре исто така се очекува враќање на уште четворица хоспитализирани пациенти во странство, за што министерот Таравари рече дека дополнително ќе информира. Нагласи дека трендот на пациенти кои се подготвени да се враќаат се зголемува, и тоа е добро.
