Огнена стихија во Јужна Кореја, над 20 загинати и десетици повредени
Над 20 лица загинаа, десетици се повредени во серијата шумски пожари кои неколку дена беснеат во Јужна Кореја. Огнената стихија принуди илјадници лица да ги напуштат своите домови. Властите се сомневаат дека пожарите биле подметнати …

Незапамтена огнена стихија беснее во Јужна Кореја. Десетици лица го загубија животот, уште толку се повредени. Серијата пожари потпомогнати од силните ветришта проголтаа над 200 станбени објекти и опустоши над двесте хектари шумска површина во јужните делови на земјата. Илјадници жители беа принудени да ги напуштат своите домови поради најлошите шумски пожари во историјата на Јужна Кореја.
„Масовните шумски пожари што избувнаа истовремено се проширија на регионите Андонг, Чеонг-Сонг, Јеонг-Јанг и Јеонг-Деок. Пожарите го надминуваат досегашниот рекордот и се најлошите шумски пожари во историјата на земјата“, изјави Хан Дак-Су, вршител на должноста претседател на Јужна Кореја.
Огнот кој беснее неколку дена уништи повеќе куќи, фабрики и автомобили. Во пожарот настрада и древен будистички храм кој датира од 7-ми век и е прогласен за заштитено културно наследство. Противпожарните екипи успешно ја евакуираа статуата на Буда која потекнува од 8-ми век.
„Пожарот дојде од планината и се спушти до мојата куќа. Беше многу страшно. Оние кои не го доживеале ова нема да знаат за што зборувам. Имав време само да побегнам, не можев ништо друго да спасам“, вели очевидец.
Борбата со огнената стихија предизвика уште една несреќа во Јужна Кореја. Во областа Усеонг се урна хеликоптерот вклучен во гаснењето на пожарите, загина пилотот. Властите изразија сомнеж дека пожарите се подметнати, најверојато поради палење стрништа или при искри од заварување.
Маја Стојанова
