Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски на годишното Собрание на МАНУ
Локалната самоуправа е подготвена за блиска соработка со академската заедница. Преку заеднички напори, можеме да изградиме систем што ќе биде подготвен да одговори на предизвиците со кои се соочуваме, но и да поставиме темели за посигурна и подобра иднина за сите граѓани, рече Ѓорѓиевски во обраќањето.

На покана на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес беше дел од редовното годишно Собрание на оваа највисока научна институција во земјава. Настан кој, покрај резимето на академските достигнувања, ја отвори и неопходната дебата за системските предизвици и реформите кои ни претстојат.
Академската заедница е еден од клучните столбови врз кои треба да се потпреме при носењето на издржани и квалитетни решенија. Токму научно заснованите анализи и предлози можат да помогнат во креирање на политики кои ќе донесат вистински и трајни промени. Очигледно е дека е неопходно темелно „ресетирање“ на системот, со значителни законски измени и реформи кои ќе ја зголемат ефикасноста, безбедноста и координацијата меѓу институциите. Поддршката од академиците, од научната и стручната јавност, ќе биде од исклучително значење за креирање на нови, одржливи модели кои ќе ја подобрат безбедноста, инфраструктурата и реакцијата во итни ситуации, изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Нагласи дека локалната самоуправа е подготвена за блиска соработка со академската заедница. Преку заеднички напори, можеме да изградиме систем што ќе биде подготвен да одговори на предизвиците со кои се соочуваме, но и да поставиме темели за посигурна и подобра иднина за сите граѓани, рече Ѓорѓиевски во обраќањето.
Годишното собрание на МАНУ оваа година започна со едноминутен молк во чест на трагично загинатите во несреќата во Кочани.
