МАНУ

Попов: Партизацијата на институциите го ослабува нивниот капацитет, а државата ја прави нефункционална

26.03.2025 14:28

Пред членовите на МАНУ, извештајот за работата на новото раководство во 2024 година. Новиот претседател на Академијата, Живко Попов задоволен од едногодишната работа. Фокус во наредниот период ќе биде и националната стратегија за развој на државата во наредните 20 години. На почетокот на собранието, со минута молк им беше одадена почит за загинатите во пожарот во Кочани…

Во општеството присутна е генерална партизација на институциите, тоа го ослабува нивниот капацитет, а државата ја прави нефункционална, истакна претседателот на МАНУ Живко Попов во неговото излагање.

Со вака конципирани институции, државата многу тешко ќе се справи со предизвиците при отворањето на поглавјата за членство во ЕУ – укажа Попов.

Имало периоди кога во МАНУ македонските академици не биле мнозинство. Во овој изборен циклус, МАНУ ќе се залага да го зајакне мултиетничкиот карактер и присуството на заедниците во нејзините редови истакна првиот академик.

Попов додава, правичната застапеност, Бадентер и Законот за јазици произлегуваат од Рамковниот договор.

Сепак европскиот пат е наша единствена и реална опција, а проширувањето на Унијата не смееме да го пропуштиме. Потребни се реформи и покрај евроскептицизмот и неконзистентното однесување на Европската унија и честата дисонантност на Брисел.

Во однос на владиниот предлог за одложено дејство на уставните измени, со кој Бугарите би влегле во Уставот откако Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ, академик Живко Попов вели дека тоа е солидна основа за компромис.

Миле А. Ристески