Зеленски не е уверен дека Русија ќе ја почитува спогодбата постигната со САД
И покрај договорот за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите на енергетската инфраструктура, Зеленски не е уверен дека Русија ќе ја почитува спогодбата постигната со САД. Нападите продолжија и во текот на ноќта, соборени дронови над црноморието. Договорот стапува во сила по укинувањето на ограничувањата за извозот на руски производи, вели Кремљ. Безбедноста на источното крило и ситуацијата во Украина, теми на разговор во Варшава. Утре состанок и на европските лидери за мирот и безбедноста на Европа.

Постигнат е голем напредок во обидот за прекин на огнот меѓу Украина и Русија, уверува Вашингтон. По одвоените преговори на САД со тимовите на Киев и на Москва во Ријад, договорена безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите на енергетската инфраструктура. Трамп потврди дека во процесот на следење на примирјето ќе бидат вклучени и трети земји.
„Во длабоки разговори сме со Русија и Украина. И јас би рекол дека оди добро, но тоа е ситуација за која никогаш не требаше да размислуваме, никогаш не требаше да се случи“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
И покрај договорот, двете страни продолжија со нападите. Дронови регистрирани и над Црно Море. Зеленски не е уверен дека Русија ќе го почитува ветеното.
„Однесувањето на Русија во наредните денови ќе покаже многу, ако не и се. Ако повторно има воздушни тревоги, или воена активност во Црно Море, руски манипулации и закани, тогаш ќе треба да се преземат нови мерки – конкретно против Москва“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Кремљ објави дека договорот може да стапи во сила по укинувањето на ограничувањата за извозот на руски производи и воведените санкции.
„Ќе ни требаат јасни гаранции. Со оглед на тажното искуство од договорите со Киев, гаранциите можат да бидат само резултат на наредбата од Вашингтон до Зеленски и неговиот тим да го направат токму тоа“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во истовреме, безбедноста на источното крило и ситуацијата во Украина-тема на разговори во Варшава.
„Нашето влијание врз овие преговори е ограничено, затоа мораме да бидеме уште поподготвени како НАТО, за сценарија кои не се 100% напишани од нас. Никој не се грижи колку Полјаците за брз мир. Но, овој мир мора да биде и гаранција за целосниот суверенитет на Украина“, изјави полскиот премиер, Доналд Туск.
„Да не заборавиме дека Русија е, и останува, најзначајната и најстрашна закана за нашиот сојуз. Да не заборавиме дека се движи во воена економија која ќе има огромно влијание врз нивниот капацитет и способност да ги изградат своите вооружени сили“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
За мирот и безбедноста, утре францускиот претседател Макрон организира самит со европските лидери. На состанокот ќе присуствува и претседателот Зеленски.
Бојана Крстевски
