„Екстра Меин“: Во нашите производи нема листерија!
07.08.2014 16:04
Менаџментот на „Екстра Меин“ преку соопштението посочува и на фактот дека мострата со бактеријата е пронајдена во производите во малопродажен објект, за кој компанијата не може да гарантира на кој начин биле чувани производите...

Сите наши производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што значи загарантирано се уништува бактеријата листерија, велат од кумановската месна индустрија „Екстра Меин“.
По вчерашната информација дека бактеријата листерија е пронајдена во производ од месната индустрија „Екстра Меин“ од Куманово, од компанијата одговорно тврдат дека од почетокот на годинава, според редовниот план за мострирање, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови (69 од машини и работни површини и 43 од работници). Сите добиени резултати се нагативни на присуство на каква било бактерија, соопштуваат од компанијата.
Менаџментот на „Екстра Меин“ преку соопштението посочува и на фактот дека мострата со бактеријата е пронајдена во производите во малопродажен објект, за кој компанијата не може да гарантира на кој начин биле чувани производите, дали била можна девакумација на истите и дали во тој случај тие дошле во контакт со други производи кои ја содржеле бактеријата.
