Партиите со меѓусебни обвинувања за трагедијата во Кочани
Дискотеката „Пулс“ во Кочани работела нелегално, што е документирано и потврдено. Истрагата треба да утврди одговорност кај институциите чии пропусти се очигледни, велат од СДСМ. Дека акцијата не е селективна, доказ е притворот за двајца градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, има функционери и поддржувачи на СДС и ДУИ, но и луѓе кои не се членови на партии, додаваат од владејачката партија...

Дискотеката „Пулс“ во Кочани работела нелегално, што е документирано и потврдено. Истрагата треба да утврди одговорност кај институциите чии пропусти се очигледни, велат од СДСМ. Повикувајќи се на податоците објавени во Бизнис мрежа, од партијата додаваат дека фирмата-сопственик на дискотеката работела со блокирана сметка дури 217 дена и сè уште не е тргната. Време е конечно да има целосна и неселективна, дисциплинска, кривична и политичка одговорност, став на социјалдемократите.
„Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако да-зошто? Со каква цел? Трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на синџир од институционални пропусти. Секој пропуст мора да биде идентификуван. Секој виновник мора да биде повикан на одговорност“, изјави Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
Жално е што напорот за докажување на правдата, за СДС е политички процес и на тоа гледаат низ партиска призма. Уште пожално е што правдата не е циркус, туку процес. Дека акцијата не е селективна, доказ е притворот за двајца градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, има функционери и поддржувачи на СДС и ДУИ, но и луѓе кои не се членови на партии, додаваат од владејачката партија.
„А, кога сме кај тезата селективна правда не е правда, зошто СДС молчи за синчето на Фрчкоски? Дали Јон Фрчкоски се дрогира во просториите на СДС или во просториите на Јавното претпријатие за стопанисување на станбен и деловен простор, каде Јон беше помошник-директор? Дали Јон Фрчкоски е подготвен да направи јавен нарко-тест за утврдување психотропни супстанции?“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, Јон Фрчкоски на Фејсбук објави дека од морални причини се повлекува од функцијата во партијата. Ниско и нечовечно е да се дефокусира јавноста за катастрофалниот начин на којшто се води истрагата за трагедијата во Кочани во која згаснаа животите на 59 луѓе. Тоа зборува за ДПМНЕ, но јас нема да дозволам да бидам месо за јавен линч. За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата којашто ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ, напиша Фрчкоски.
Милчо Велески
