Франција

Состанок на сојузниците за безбедноста на Европа

27.03.2025 08:50

Францускиот претседател Макрон, заедно со премиерот на Обединетото Кралство, Стармер, ги поттикнува напорите да изгради коалиција на нации кои ќе го поддржат распоредувањето на вооружени сили во Украина...

Во Париз, состанок на европските лидери за безбедноста и одбраната на Европа. Францускиот претседател Макрон, заедно со премиерот на Обединетото Кралство, Стармер, ги поттикнува напорите да изгради коалиција на нации кои ќе го поддржат распоредувањето на вооружени сили во Украина, со цел да се обезбеди траен мир со одвраќање на Русија. Во Франција е и украинскиот претседател. Зеленски ја истакна важноста од странски контингент во Украина кој би помогнал во одржувањето на мирот во случај на прекин на огнот со Русија.

„Никој не сака да ги вовлече другите земји во војна. Контингентот е многу важен за контрола. Првенствено, секој контингент се состои од борбени единици, но тие се пред сè наменети да ја контролираат ситуацијата, да ја следат, да вршат заедничка обука, а исто така да спречат каква било желба на Русија да се врати со обновени бранови на агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

САД во вторникот соопштија дека постигнале договор со Украина и Русија за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. И натаму многу детали остануваат нерешени. Кремљ тврди дека ќе го спроведе договорот по укинувањето на западните санкции и враќањето на Русија на светскиот пазар.