Прилеп

Земјоделците со зголемен интерес за осигурување со субвенции од државата

07.08.2014 16:20

Нестабилното време ги тера земјоделците да го преиспитаат својот однос кон осигурувањето на земјоделските приноси. Интересот за осигурување со субвенции од државата во прилепско зголемен за 30 насто.

Силен ветер, дожд, град, бура. Оваа нестабилна година зема висок данок од летнината и земјоделците. Завчерашното невреме во Тополчани уништи 50, а неодамна во долненско преку 350 хектари.

Уништени се и јаболкови насади.

Атанас Велјановски, тутунопроизводител од прилепско Галичани лани почувствува директно како е природата да ти го уништи родот. Поучен, го осигура .

„Градот не оштети целосно. Оваа година решивме да го осигураме родот. Државата дава субвенции. Оваа година ги искористивме тие субвенции за два хектари, ги осигуравме и осигуравме уште 2,5 хектари со наши средства. Чувството е подруго кога е осигурано“, вели Атанас Велјаноски, тутунопроизводител од Галичани, Прилепско.

Интересот за осигурување се зголемува.

Според Сојузот на тутунските здруженија на Македонија годинава за 20 насто е зголемен интересот на земјоделците да го осигураат родот. Ги користат субвенците на државата, а над два хектари род, сами го осигуруваат.

Во министерството за земјоделство стигнуваат барања за осигурување, со 60 насто субвенции од државата.

„Интересот кај земјоделците е зголемен за 20 до 30 насто за осигурување на производството. Оваа година имаме доста земјоделци кои претежно, го осигуруваат тутунот, градинарски култури имаме осигурано, пченица“, вели Коста Дурланов, министерство за земјоделство, Прилеп.

„Искористувањето на субвенциите од државата значи плаќање 50 денари по декар, а 60 денари плаќа државата“, вели тутунопроизводителот Велјаноски од прилепско Галичани.

Агентите на осигурителните компании веќе имаат искуство за исплата на штети.

„Во минатиот период имаме осигуреници кои имале штети и кои штети достигнувале 60, 70 и 80 проценти од полисата на осигурување и се исплатени навремено“, вели Горан Цуцулески агент во „Триглав“ осигурување.

Сепак, потребата за осигурување на родот допрва треба да заживее.

Елизабета Митревска