Европска унија

Дали ќе има нов еврокомесар за проширување?!

07.08.2014 16:26

Кои ќе бидат новите еврокомесари, ќе биде познато на 30-ти август. Досегашните европски претставници и поголемиот дел од администрацијата во Брисел се на годишен одмор, но по враќањето на 25 август ќе закажат состанок на кој ќе се решава дали ќе има нов комесар за проширување...

Одлуката да нема еврокомесар за проширување ќе наиде на отпор кај европарламентарците од Австрија, Унгарија, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска. Овие неофицијални информации се потврдуваат и со фактот што ниту еден европеец не се кандидираше на местото на досегашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе.

Во наредните 5 години, на земјите коишто се кандидати, Унијата ќе продолжи да им дава помош за постигнување на стандардите пред приемот во полноправно членство. Дали ќе има нов еврокомесар за проширување, ќе биде тема  на 28 август во Берлин на конференцијата посветена на Западниот Балкан иницирана од германската канцеларка Ангела Меркел.

Оваа конференција треба да биде прва во серијата конференции што во наредните години би се одржувале во Австрија, Холандија и во Франција. Берлинската најмногу ќе се фокусира на економијата. Во политичкиот дел ќе се разгледува до каде е стигната со евроинтеграцијата секоја од земјите кандидати.

Неминовно за Македонија ќе стане збор и за спорот со името што е кочница Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Ирина Гелевска