Франција

Мирот во Украина и безбедноста на Европа во фокусот на самитот во Париз

27.03.2025 14:39

Мирот во Украина и безбедноста на Европа во фокусот на самитот во Париз. Зајакнувањето на Украина е почетна точка, на Европа и е потребен долгорочен план, став на шефицата на европската комисија Фон дер Лајен. На состанокот присуствува и украинскиот претседател Зеленски. Генералниот секретар на НАТО, Руте апелира за единство додека европските нации се вооружуваат и ги зголемуваат своите одбранбени индустрии …

Во Париз, лидери и делегации од 31 земја на состанок на „Коалицијата на подготвени“ за мир и безбедност во Украина. Испраќање војници на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија и воената помош за Киев во фокусот на Самитот. Зајакнувањето на Украина е почетна точка, на Европа и е потребен долгорочен план, став на шефицата на Европската Комисија Фон дер Лајен. На состанокот присуствува и украинскиот претседател. Вчера на средбата Макрон – Зеленски дискутирано за контигентот кој би можел да биде дел од мировната мисија за време на примирјето со Русија.

„Значи, ние не сме на првите линии, не одиме да се бориме, но таму сме за да гарантираме траен мир. Тоа е пацифистички пристап. А единствените кои во тој момент би предизвикале конфликт, воена ситуација, би биле Русите доколку одлучат повторно да започнат агресија. Ова е строгата рамка со која одиме напред. Тоа е француско-британски текст“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Никој не сака да ги вовлече другите земји во војна. Контингентот е многу важен за контрола. Првенствено, секој контингент се состои од борбени единици, но тие се пред сè наменети да ја контролираат ситуацијата, да ја следат, да вршат заедничка обука, а исто така да спречат каква било желба на Русија да се врати со обновени бранови на агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Руте апелира за единство додека европските нации се вооружуваат и ги зголемуваат своите одбранбени индустрии. Довербата меѓу 32. земји-членки на Алијансата е на ново ниско ниво откако САД предупредија дека Европа мора да се грижи за сопствената безбедност во иднина.

„Кога станува збор за безбедноста на Европа и Северна Америка, нема алтернатива за НАТО. Без САД, Обединетото Кралство, Турција, Канада, Норвешка и Исланд, невозможно е да се замисли одбраната на Европа и ништо не може да го замени американскиот нуклеарен чадор, крајниот гарант за нашата безбедност“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Некои луѓе на Запад не ја разбираат Русија, но овој факт не го попречува развојот на земјата, изјави рускиот претседател. Путин им го честиташе на војниците Денот на националната гарда.

„Припадниците на Националната гарда кои учествуваат во специјалната воена операција, храбро се борат за татковината, за нашата слобода и суверенитет, помагајќи да се врати мирниот живот во ослободените градови и населени места“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

САД во вторникот соопштија дека постигнале договор со Украина и Русија за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. Кремљ тврди дека ќе го спроведе договорот по укинувањето на западните санкции и враќањето на Русија на светскиот пазар. И покрај дипломатските напори, борбите продолжуваат.

 

Маријана Димовска