Одбрана

Одбележување на Денот на Генералштабот на Армијата

27.03.2025 14:04

Во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерство за одбрана беше одбележан Денот на Генералштабот на Армијата...

Во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерство за одбрана беше одбележан Денот на Генералштабот на Армијата.

Денешното одбележување, кое помина во знакот на солидарност и сочувство започна со минута молк со кое се изрази длабока почит кон жртвите на пожарот во Кочани.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање одаде признание на припадниците од Армијата за ангажманот во справување со последиците од трагичниот настан во Кочани. Генералот Лафчиски истакна дека Генералштабот е носечки столб на Армијата воден од принципите на дисциплина, професионалност и посветеност.

Министерот Мисајловски во своето обраќање се осврна на трагедијата во Кочани и се заблагодари на припадниците на Армијата кои беа вклучени за помош и поддршка на институциите и граѓаните и истакна дека како граѓани на оваа држава, борејќи се со чувствата на тага и жал го живееме еден од најтешките периоди од нашата независност.

Датумот 28 март има особено значење за Армијата, бидејќи токму на овој ден беше преземен Генералштабот, кој со отпочнување на своите функции одигра клучно значење во формирањето на Армијата, настан кој се случи пред 33 години, ден откако беше преземена контролата над државната територија и заминувањето на последниот војник на ЈНА. Денешниот настан претставува второ официјално одбележување од донесувањето на одлуката на претседателот на државата за определување денови на командите и единиците на Армијата.