Охрид има добра туристичка сезона!

07.08.2014 16:38

Не само туристичка, Охрид станува и емиграциска дестинација. Холанѓани и Англичани купувале куќи и станови во охридските населби Пештани, Лагадин, Велестово...

Македонскиот туристички бисер Охрид станува омилена туристичка дестинација на странските туристи. Со цени три до пет пати пониски од туристичките места во соседството, балканскиот  Ерусалим  годинава го посетилемногу повеќе странци од лани. До јуни годинава престојувале 9.000 гости само од Турција вели градоначалникот Бакрачески  кој рече дека поголемиот дел од хотелите на Охридската ривиера се закупени за наредните шест месеци.

Не само туристичка, Охрид станува и емиграциска дестинација. Холанѓани и Англичани купувале  куќи и станови во охридските населби Пештани, Лагадин, Велестово.

„Бројот на странски туристи е во постојан растечки тренд и оваа година заклучно со јуни бележиме пораст од 6,5% во бројот на странски туристи, или вкупно, бројот на туристи оваа година заклучно со јуни е поголем за 2,6% во однос на минатата година“, објаснува градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Цените не се високи, вели заменик министерот за економија Кристијан Делев. Едно легло во приватен смештај чини над 300 денари. Полупансион во охридските хотели чини од 1.000 до 6.000 денари. Цените на безалкохолните пијалоци се движат од 60 до 80 денари, а некои кафичи нудат еспресо за само 20 денари. Овие цени не се ни приближно од оние во туристичките места од соседството.

„Остануваме максимално посветени на развојот на туризмот во Охрид и во цела Република Македонија, затоа се планирани и низа активности, организирани се неколку комитети за туризам во рамки на работата на Владата кадешто се дискутираат сите овие теми, со цел унапредување на туризмот“, нагалси Делев.

Охрид е богат со културни настани, фестивали, убаво уредени плажи и природни убавини на Галичица. Охридското езеро е и најголемиот басен на питка вода во светот.

 

Дијана Ценевска