Муцунски: НАТО покажа солидарност со Македонија по трагедијата во Кочани
Македонија одбележува пет години од членството во НАТО. Земјава влезе во Алијансата како 30-та членка. Министерот Муцунски денеска на работна средба со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата...

На петгодишнината од членството во НАТО, на дело се покажа солидарноста на сојузниците преку брзиот одговор за итно згрижување на повредените во пожарот во Кочани, посочи шефот на дипломатијата Муцунски, кој изрази благодарност за дадената помош. Тој уверува дека се преземаат сите мерки за истражување на случајот и за утврдување на одговорност.
„Од наша страна, како Влада, веќе ги преземаме сите неопходни мерки за целосно истражување на случајот, вклучително и изнесување на сите инволвирани лица кои придонеле да се случи ваквата трагедија, пред судските органи. Како Влада определени сме одлучно да се бориме со корупцијата и сите девијантни појави чија цел е да го ослабат и нарушат нашиот систем. Тоа нема да го дозволиме. Наша цел е да ја зајакнеме довербата и унапредиме функционалноста на системот во кој граѓаните ќе имаат целосна доверба“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Македонија како 30-та членка на НАТО покажа дека е доверлив партнер на Алијансата.
Македонија е меѓу сојузниците со најмалку два проценти од БДП воен буџет, меѓу најголемите донатори за Украина и учествува во операциите на НАТО во Бугарија, Романија, Литванија и на Косово.
Македонија ќе продолжи да придонесува за колективната одбрана и во наредниот период.
Ирина Гелевска
