Образование

Училиштата имаат противпожарни апарати

27.03.2025 16:35

Надлежните со контроли за безбедноста во училиштата. Се проверуваат и хидрантите во станбените згради, недостатоци најчесто има во постарите. Контролите ќе продолжат и во наредниот период...

Хидранти и противпожарна опрема имаат сите училишта во земјава, но, во дел од нив, апаратите не се проверувале и одржувале редовно, иако училиштата имаат обврска тоа да го прават еднаш годишно. Ова најчесто се случува во внатрешноста. Ќе се спроведат и обуки за учениците, како да постапат во кризни ситуации.

„Во некои училишта, најчесто во внатрешноста на земјава се случува тие апарати да не биле проверени во текот на годината, па ќе се допроверат. Треба да се проверат и цревата за хидрантите дали се на соодветното место и дали се исправни. Тоа е сега во тек“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Надлежните уверуваат дека децата учат во безбедни училишта. Од ЗЕЛС ќе се залагаат за задолжителни контроли на училиштата најмалку еднаш годишно, наместо тоа да се остава на добра волја на градоначалниците или службите.

Се проверуваат и хидрантите во станбените згради, недостатоци најчесто има во постарите.

„Најчесто проблемите се од типот дека не поседуваат доволно опрема, односно немаат црева во хидрантите, наложено е од нашите служби во соработка со ДСЗ за многу скоро време да се постапи. Јас секогаш сум на варијантата да дадеме простор и да се поправат сите грешки од минатото пред да се премине на казнување“, изјави Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС.

За секоја општина да постапува соодветно, недостасуваат 40 инспектори.

Контролите ќе продолжат и во наредниот период. Останува проблемот со недостиг на инспектори, надлежните велат на краток рок ќе се надминува со меѓуопштинска соработка, а на долг рок со нови вработувања.

Андријана Ѓурческа