Се бара анкетна комисија за трагедијата во Кочани
Опозиционерите ќе предложат формирање на анкетна комисија за да се утврдат и фактите, но и политичката одговорност на случајот...

СДСМ инсистира на независна, темелна и неселективна истрага за трагедијата во Кочани. Опозиционерите ќе предложат формирање на анкетна комисија за да се утврдат и фактите, но и политичката одговорност на случајот.
ДУИ оди чекор натаму и бара формирање парламентарна анкетна комисија, во којашто би биле вклучени и претставници на меѓународната заедница.
„Оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД, ЕУ и земјите-членки на Европската унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес“, велат од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ ја чека иницијативата на опозицијата. Но, од владејачката партија посочуваат дека истрагата е неселективна и е веќе во тек, па затоа не е целисходно да работи комисија која нема ниту истражни, ниту полициски овластувања за да утврдува и прибира факти за трагичниот настан, оти тоа може да се сфати како притисок врз правосудниот систем.
ВМРО-ДПМНЕ бара да се остават надлежните институции да си ја завршат својата работа за да се стигне до вистината и правдата.
Игор Панов
