Париз

Коалиција на подготвените: Санкциите кон Русија нема да се укинат пред да се постигне мир

27.03.2025 17:16

Не може да има укинување на санкциите за Русија пред да се воспостави мир во Украина – порака од самитот на „Коалицијата на подготвените“ во Париз …

Конструктивен состанок на „Коалицијата на подготвените“ за мир и безбедност во Украина-оценија европските лидери по самитот во Париз. Зајакнувањето на украинската армија и одбранбените капацитети на ЕУ ќе му обезбедат на Киев да не остане сам во оваа војна-заклучија челниците. Едногласно договорено-санкциите кон Русија нема да се укинат пред да се постигне мир.

„Сега не е време за укинување на санкциите, напротив, она што го разговаравме е како можеме да ги зголемиме санкциите за да ја поддржиме иницијативата на САД да ја доведе Русија на маса преку дополнителен притисок од оваа група земји“, изјави Кир Стармер • премиер на Велика Британија.

„Прекинот на санкциите би бил сериозна грешка. Европа и САД мора заедно да заземат јасна позиција за понатамошна поддршка на Украина. Воопшто нема смисла да се прекинат санкциите сè додека мирот всушност не е постигнат, а ние за жал сме далеку од тоа“, рече Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Москва останува на ставот-прво укинување на санкциите за Русија, па спроведување на договорот посредуван од САД за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. Русија не сака никаков мир-изјави Зеленски.

„Нема укинување на какви било санкции додека Русија не ја прекине оваа војна. Поголем притисок и повеќе санкции се важни. Клучно е дека сите разбраа дека Русија не сака мир затоа ќе работиме на безбедносните гаранции во следните денови, ова е важно за нашата иднина“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Франција и Велика Британија ќе продолжат да напредуваат со плановите за распоредување војници во Украина за да обезбедат евентуален мировен договор со Русија-Макрон го повтори својот став.

„Му дадовме мандат на нашиот Здружен Генералштаб за нашите француско-британски тимови да испратат делегација во Украина во следните неколку дена за да соработуваат со украинските вооружени сили и да им помогнат во планирањето на идните чекори“, изјави Емануел Макрон претседател на Франција.

Москва обвинува-Франција и Британија планираат воена интервенција во Украина под превезот на мировната мисија.

„Сакам уште веднаш да посветам внимание на фактот дека Русија е категорично против такво сценарио. Таквата интервенција може да доведе до директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО“, рече Марија Захарова, портпаролка на министерството за надворешни работи на Русија.

Зајакнувањето на Украина е почетна точка, на Европа и е потребен долгорочен план-потенцираше шефицата на Европската Комисија Фон дер Лајен. Првиот човек на НАТО, Руте апелира за единство додека европските нации се вооружуваат и ги зголемуваат своите одбранбени индустрии.

Бојана Крстевски