Сè уште се трага по исчезнатите американски војници во Литванија
Тактичката обука беше кобна за четворицата американски војници на вежбата на литванско-белоруската граница. Засега е пронајдено единствено оклопното возило „Херкулес“ на американската армија заглавено во мочуриштето. Недостигаат телата на американските пешадинци, потрагата по нив сè уште трае...

Тактичката обука беше кобна за четворицата американски војници на вежбата на литванско-белоруската граница. Засега е пронајдено единствено оклопното возило „Херкулес“ на американската армија заглавено во мочуриштето. Недостигаат телата на американските пешадинци, преземена е опсежна военополициска потрага во која учествуваат стотици спасители.
„Областа е полна со предизвици, има многу непознати чинители. Каллива е и има и езеро во близина. Ако беше полесно, побрзо ќе завршевме“, изјави Раимундас Ваикснорас -началник на Генералштабот на Армијата на Литванија.
„Се испитуваат сите можности. Американците исто така ја истражуваат областа, тоа го правеа и ноќеска. Возилото е потонато неколку метри, не можеме да потврдиме дали се војниците внатре‘, изјави Довиле Шакалиене – министерка за одбрана на Литванија.
Војниците не се живи, изјави во Полска генералниот секретар на НАТО за што потоа се извинија во Алијансата, појаснувајќи дека претходно не била потврдена судбината на исчезнатите.
„Нема да се откажеме сè додека нашите војници не бидат пронајдени. Имаме тешка состојба поради теренот. Имаме поддршка од Литванија, таа е модел како треба да изгледа вистински сојузник“, изјави Кара Мекдоналд, амбасадор на САД во Литванија.
Американскиот претседател, Трамп, изјави дека нема информации за четворицата војници. Вежбата на источното крило на НАТО се одвиваше на само 10-на километри од Белорусија.
Зоран Богатинов
