Економија

ССМ одлучува за натамошните чекори за минималната плата

28.03.2025 09:35

Од Владата велат дека одлуката е легитимна и согласно закон, а износот е утврден согласно критериумите во Законот за минимална плата.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) одлучува за следните чекори што ќе ги преземе во однос на минималната плата откако во вторникот Владата ја усвои информацијата дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари во нето износ, согласно законски утврдените критериуми. Се очекува седница да одржи Претседателството на синдикатот на која ќе се разговара за натамошните чекори.

Според ССМ, одлуката на Владата не е законска затоа што согласно член 4 став 5 од Законот за минимална плата, министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ. Како што посочуваат од синдикатот, ова не е испочитувано, односно не е одржана седница на ЕСС.

Економско-социјалниот совет се очекуваше да одржи седница во текот на овој месец, но претходно треба да заседава Комисијата за репрезентативност која треба да ја утврди репрезентативноста на ССМ која пак е истечена минатата година. Досега ваква седница на Комисијата за репрезентативност не се одржа, а се очекува тоа да се случи денеска. Во Комисијата учествуваат претставници од трите социјални партнери.

Од синдикатот нагласуваат дека од 2012 година првпат се случува да се носи одлука за минималната плата без консултација на сите социјални партнери во трипартитниот совет. Од Владата велат дека одлуката е легитимна и согласно закон, а износот е утврден согласно критериумите во Законот за минимална плата.

Предлогот на ССМ е минималната плата да се зголеми за 6.000 денари имајќи го предвид растот на трошоците на живот, а придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата во траење од една година.