Свет

Разорен земјотрес во Мјанмар

28.03.2025 11:45

Разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени во Mјанмар. Има десетици жртви, и натаму се трага по преживеани под урнатините. Tлото се тресеше и во Бангкок. Се урнала висококатница, досега нема конкретни информации за загинати, расте бројот на повредени. Потресите се почувствувале и во Кина...

Разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени по Рихтер го погоди Мјанмар. 12 минути подоцна следуваше уште еден. Потресот го стресе и тлото на Тајланд и на Кина. Огласени сирени за евакуација во Бангкок. Од силината на потресот се урна висококатница во изградба. Пријавени се жртви и исчезнати. Под урнатините извлечени десетици повредени.

17-милионскиот град привремено остана без телефонски линии и интернет, луѓето во паника ги бараат блиските. Американка која 28 години живее во Бангкок вели дека вакво нешто досега не видела.

„Седев во мојата фотелја кога одеднаш почна се да се движи, ја удрив главата. Ова не е првпат да почувствувам земјотрес тука, го паметам оној од 2004-тата кога се случија цунамито и земјотресот во Суматра, тогаш зградата се тресеше речиси 30 минути, но никогаш вака силно како сега“, изјави Дебора Панмачет, Американка која живее во Бангкок.

Тајландската премиерка, Шинаватра го прогласи градот за вонредна зона. Ја повика јавноста да остане смирена.

„Премиерката веднаш се враќа во Бангкок и ја повикува јавноста да избегнува високи згради, да користи само скали и да остане смирена. Сите владини агенции се брифирани, а училиштата добија инструкции да ги испратат децата порано дома“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерката.

Во градот затечени и туристи, сведочат за невидениот хаос.

„Бев во трговскиот центар кога одеднаш целата зграда почна да се движиСе слушна врескање и настана паника, луѓето трчаа во погрешни насоки, се слушаа удари од предмети што паѓаа“, изјави Фрејзер Мортон, турист.

„Седев во барот и одеднаш почувствував некакво движење, следно сите беа на улица. Луѓето врескаа, потоа ја видов зградата како се ниша и вода која се слева од неа, тогаш навистина ме фати паника“, изјави Пол Винсент, турист од Англија.

Вонредна состојба е прогласена во Мјанмар, но пристапот до информации е отежнат поради владеењето на воената хунта. По снимките на социјалните мрежи се гледаат големи штети на патиштата, но и урнатиот мост Ава-најпознатиот и најдолг во земјата. Според прелиминарните извештаи, првиот потресот бил на длабочина од 10 километри, медиумите објавија дека бил почувствуван и во Бангладеш, Индија и во Лаос.

Бојана Крстевски