Муртезани и Рокас: Планот за раст и реформите носат конкретна европска перспектива за граѓаните и економијата
Министерот Муртезани се осврна на значењето на јасната, транспарентна и ефективна комуникација со граѓаните, претставувајќи го Планот за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан ...

Mинистерот за европски прашања Орхан Муртезани и амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа главните аспекти од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија.
Министерот Муртезани се осврна на значењето на јасната, транспарентна и ефективна комуникација со граѓаните, претставувајќи го Планот за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија, кој е наменет за зголемување на довербата во реформските процеси и поголема видливост на конкретните придобивки од евроинтегративниот процес.
„Преку овој План, граѓаните ќе можат јасно да ги согледаат конкретните резултати и ефекти на реформите - од подобрување на деловното окружување и отворање нови работни места, до поголема економска конкурентност и зајакнати демократски институции. На овој начин, Планот не само што ќе ја зголеми видливоста на активностите што ги реализираме со помош на ЕУ, туку и ќе ја засили довербата на граѓаните во реформскиот процес и во самата европска иднина на нашата држава“, изјави Муртезани.
Амбасадорот Рокас ја нагласи силната поддршка од Европската Унија преку конкретни финансиски и стратешки мерки кои ќе овозможат забрзување на реформите, подобрување на социо-економските услови и приближување на Северна Македонија кон членството во ЕУ.
