Еколошка катастрофа

Крива Река затруена со тешки метали, правниот субјект казнет со 200 илјади евра

28.03.2025 16:28

Крива Река затруена со олово, арсен и цијанид, по хаваријата во рудникот Тораница. Се стравува за здравјето на граѓаните, но и за земјоделските посади во североистокот. Правниот субјект доби казна од 200.000 евра...

Казна од 200 илјади евра доби правниот субјект, десет илјади евра одговорното лице, по хаваријата којашто се случи во рудникот за олово и цинк Тораница, кривопаланечко. Во Крива Река регистрирано е присуство на тешки метали, олово, арсен, цијанид, кои се закана по здравјето на граѓаните, а долготрајни последици и штети по земјоделските поседи. Министерството за животна средина и инспекторатот информираа дека се извршени вонредни надзори. Првичните укажувања од правното лице биле дека пукнала цевка преку која се доведува техничка вода, која не содржи хемиски средства, и е само заматена. Дефектот бил саниран а истекувањето сопрено.

„Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност“, велат во соопштението од министерството.

Првиот човек на Крива Паланка побара обвинителството да покрена итна постапка. Обвини за пропусти во вонредните надзори.

„Според ова лабораториско истражување концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за неверојатни десетпати повеќе, дополнително за неколку стотици е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот. Како резултат на ова загрозување од страна на концесионерот загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реките, но загрозена е и флората и фауната. Загрозена е и почвата по текот на овие две реки и Пчиња“, истакна Сашко Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка.

Хаваријата во рудникот се случи на 14-ти март. Загриженоста се јави откако реката доби заматување и сива боја.

Во моментов се вршат анализи за исправноста на градскиот водовод. Според првичните информации водата не би требало да биде опасна по здравјето на луѓето.

Елена Георгиевска