Економија

ССМ најави протест за минимална плата

28.03.2025 16:44

ССМ најавува протести на втори април. Велат незаконска е одлуката на Владата за зголемување на минималецот...

Сојузот на синдикати на 2-ри април излегува на протест, откако велат Владата без нивно учество усвои дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари. Одлука која според ССМ е незаконска. Претседателот Трендафилов вели – со најголемиот дел од градските синдикати не се преговарало за висината на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор.

„ССМ излегува на улица на 2-ри април, онака како што ветивме пред еден месец. Часот кога ќе почне јавната седница на органите и телата на ССМ, вклучително и синдикатите здружени во ССМ, е 12:05, имајќи предвид дека 5 до 12 одамна помина, а 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да усвојува информација, и со информација да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија“, изјави Слободан Трендафилов – претседател на ССМ.

Трендафилов посочува дека се засилени нападите кон синдикалните здруженија, имало уцени за отказ од работни места, намалување на платите. Синдикалците бараат комисијата да ја утврди нивната репрезентативност со што ќе се овозможи нивно учество во Економскосоцијалниот совет.

„Се засилија нападите како од политичка партија така и од политички поставени директори кои примаат плата од нашите плати, кои ги плаќаме како даноци во државата, не ги плаќаме за да ги минираат процесите за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците, не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување на плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг синдикат репрезентативен на штета на работниците“, изјави Слободан трендафилов – претседател на ССМ.

ССМ бара минимална плата од 500 € со оглед на зголемените трошоци за живот. Владата остави да се договорот работниците и работодавците, но позитивен исход досега нема. Според работодавците зголемувањето на минималната плата повеќе од законски предвиденото може да ја вивне инфлацијата.

Андријана Ѓурческа