ОЈО поднесе обвинение против Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова
Обвинителството поведе обвинение против Васил Јованов, во пијана состојба поминал, со брзина од над 90 километри на час, поминал на црвено и ја усмртил младата Фросина Кулакова. Му се закануваат 20 години затвор...

До 20 години затворска казна му се заканува на 20 годишниот Васил Јованов кој во сообраќајна незгода ја усмрти 22 годишната Фросина Кулакова. По двомесечна истражна постапка, Јавното обвинителство со обвинителен акт, го товари Јованов за најтешкото дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според доказите, на 29-ти јануари, во 15 минути пред полноќ, Јованов, управувајќи со возило марка „Пежо“ во сопственост на неговиот татко, без возачка дозвола, со 0,80 промили алкохол во крвта и возејќи со брзина над дозволената, од 91 километар на час, удрил во пешакот Фросина Кулакова. Од силината на ударот, таа се издигнала во воздух, а потоа удрила во семафор и починала на самото место.
Во моментот на сообраќајната незгода, Јованов не ги почитувал сообраќајните прописи, ниту црвеното светло на семафорот. Од Јавното обвинителство побараа и продолжување на мерката притвор.
„Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека сè уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од судот побара притворската мерка да биде продолжена.“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Од таму соопштуваат дека во тек е и постапката кон таткото на Јованов, и за него наскоро ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Марија Котовска
