Потребно е време за зацелување на психолошките и емоционалните рани по трагедијата во Кочани, велат психолозите
Неопходно е време за зацелување на психолошките и емоционалните рани, коишто ги предизвика голема трагедија во Кочани. Семејствата на жртвите и повредените се најдиректно погодени, но индиректно и целото население, учениците, студентите, родителите. Психолозите со совети...

Чувствата на тага, гнев, себеобвинување, вина, се дел од фазите кои според психолозите ги поминуваат и директно погодените од траумата по трагедијата во Кочани, но и сите останатите жители. По првичниот шок и неверување, следува фазата на силни емоции, тагување. Но, не сите минуваат со истото темпо и можат да ја прифатат состојбата и продолжат со понатамошните животни активности. Поврзувањето велат е важно во процесот на исцелувањето. Наместо изолација која предизвикува осаменост и безнадежност, споделувањето обезбедува поддршка, порачува психологот Јовановска.
„Потребно е време за зацелување на оваа психолошка и емоционална рана којашто е веќе создадена. Ова е шок за целото општество, посебно за родителите коишто имаат деца на возраст на повредените и жртвите на трагедијата. Младите се идентификуваат со нив и попотресно ги доживуваат овие моменти и тука е важно да им се обезбеди сигурност, стабилност, поддршка од родителите, семејството, но и наставниците“, нагласи Сања Јовановска, психолог и психотерапевт.
Според неа дел од граѓаните би требало да го редуцираат користењето на социјалните медиуми, коишто доаѓаат од трауматичниот настан, видеата од несреќата, за да се самозаштитат од дополнителни информации кои создаваат стрес и силни емоции.
Психолози од земјава, стручните служби веќе пружаат психолошка помош на учениците, студентите, наставниците.
Елена Георгиевска
