МЈАНМАР

Над илјада жртви во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар

29.03.2025 11:26

Над илјада жртви во разорниот земјотрес од 7,7 според Рихтер што го погоди Мјанмар. Се трага под урнатините, се стравува дека бројката ќе расте. Светот обединет во поддршката за настраданите. Пристигнуваат спасувачи и хуманитарна помош за погоденото население. Военото раководство во земјата прогласи вонредна состојба во повеќе региони. Вонредна состојба и во Банкок откако од потресот се урна 30-катница…

Азија завиена во црно. Над илјада загинати и повеќе од 2.700 поведени по разорниот земјотрес од 7,7 по Рихтер што го погоди Мјанмар. Продолжува потрагата под урнатините. Жителите во страв, шок и неверување ја поминаа ноќта. Стотици домови се уништени или оштетени. Милиони останаа без струја.

„Кога се случи земјотресот, училницата силно се тресеше. Наставниците брзо ги евакуираа учениците‘, вели локален жител.

„Бев во патрола како чувар за време на земјотресот. Тоа беше прв пат во мојот живот да почувствувам толку силен земјотрес. Никогаш претходно не сум доживеал нешто слично. Немаше штета дома, но моите деца беа преплашени и сè уште се чувствуваат дезориентирани“, рече друг.

Хунтата што раководи со земјата прогласи вонредна состојба во повеќе региони и поднесе ретко барање за меѓународна помош. И покрај бавниот и ограничен проток на информации што излегуваат од земјата, странските агенции сугерираат дека воениот совет продолжил со воздушните напади и по земјотресот. Во земјата повеќе од четири години се водат борби меѓу војската и етничките армии и групите на вооружен отпор.

„Бројот на загинати ќе се зголемува. На некои места зградите се урнаа, а спасувачките операции продолжуваат. Би сакал да ги замолам нашите луѓе да ни помогнат, треба да обезбедиме спасувачки операции. Прогласив вонредна состојба во сите погодени региони. Би сакал да ја поканам секоја организација, секој народ да пружи помош“, изјави генерал Мин Аунг Хлаинг, шеф на воената влада на Мјанмар.

Светот обединет во поддршката за настраданите. Индија, Кина, Русија, Јужна Кореја испраќаат спасувачи и хуманитарна помош за погоденото население. И покрај големите кратења на странската помош, Вашингтон објави дека е подготвен да помогне. Од ООН потенцираа дека земјотресот ќе ја влоши и онака отежнатата состојба во југоисточната азиска земја со речиси 55 милиони жители која од 2021 година е управувана од војската.

„Мобилизираме тимови и поддршка. Собираме информации за бројот на погодени луѓе, оштетената инфраструктурата и непосредните хуманитарни потреби со цел да го насочиме нашиот одговор на најдобар можен начин. Земјотресот ќе ја влоши и онака лошата хуманитарна ситуација во Мјанмар, каде што на речиси 20 милиони луѓе им е потребна помош низ целата земја, вклучително и повеќе од 3,5 милиони раселени луѓе“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Потресот од 7, 7 Рихтер беше почувствуван на Тајланд, Индија, Бангладеш, Кина, Лаос. Во Банкок властите прогласија вонредна состојба. И натаму се пребарува под урнатините на 30-катница во изградба која се урна од силниот земјотрес. Неизвесна судбината на работниците кои работеа на објектот.

„Сè уште имаме надеж. Работиме неуморно и за да се осигураме дека сите се безбедни. Имаме доволно работна сила, имаме доволно ресурси, но доколку ни се понуди поголема помош, особено технолошката помош, се разбира, со задоволство би прифатиле“, изјави Анутин Чарнвиракул, вицепремиер на Тајланд.

Земјотресот во Мјанмар доаѓа неколку месеци откако повеќе од 200 луѓе загинаа во налет на тајфунот Јаги, кој предизвика сериозни поплави и лизгање на земјиште. Уништени стотици илјади хектари земјоделски култури.

Маријана Димовска