ОХРИД

Наплив на туристи на брегот на Охридското Езеро

29.03.2025 15:39

Охрид, најатрактивна дестинација за туристите од соседните земји. Овој празничен викенд голем наплив на туристи на брегот на Охридското Езеро. Претсезонскиот пролетен период навестува плодна туристичка сезона...

Солидна исполнетост на сместувачките капацитети на брегот на Охридското Езеро. Забележително е присуството на голем број туристи. Во викенди најбројни се туристите од соседните земји, но ги има и од европските, оние кои се дел од Балканските тури.

Овој Рамазански викенд има организирани групи од Турција, Србија, Црна Гора, Хрватска и Албанија. Претсезонскиот пролетен период навестува плодна туристичка сезона, се очекува пораст на бројот на туристи.

„Има доста групи и очекуваме тој тренд да продолжи во наредните месеци. Посебно се очекува поголем број на групи и наплив на туристи за Велигденските и за првомајските празници, но исто така може да кажеме дека согласно најавите кои ги имаме ни престои една успешна сезона, изјави Јаким Маленко, туристички работник од Охрид.

Оваа сезона нема да има драстично поскапување на цените на сместувањето и угостителските услуги. Според туристичките водичи Охрид е најбарана и најатрактивна викенд дестинација за соседството со најпристапни цени.

„За разлика од стандардот кај нас не е скапо, Охридското Езеро секој го остава без текст тоа се најголемиот број на коментарите на луѓето кои го посетуваат Охрид. Дводневен аранжман со две ноќевања, појадок, туристички водич и превоз чини околу 80 евра“, вели Дејана Булатовиќ туристички водич од Црна Гора.

„Во поглед на цените остануваме сè уште како една поатрактивна дестинација да кажам поекономична но можам да кажам дека цените бележат тренд на покачување глобално во хотелско угостителскиот сектор, но не само кај нас туку во светки рамки. Се надеваме дека тој тренд ќе се стабилизира“, додава Маленко.

Оваа сезона се очекува зголемен број туристи, коишто ќе доаѓаат и преку охридскиот аеродром. Започна летниот ред на летање, седум авиопревозници, ќе летаат до 8 различни дестинации.

Соња Рилковска