Влада

Честитка од премиерот Мицкоски по повод празникот Рамазан Бајрам

30.03.2025 10:19

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот Рамазан Бајрам до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.

Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на сите граѓани од исламска вероисповед да Ви го честитам празникот Рамазан Бајрам и да ви посакам добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.

Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.

Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото.

Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава.

Нашата заложба како Влада е да ги негуваме културата, традицијата, различностите, но пред сè да реализираме проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.

Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции.

Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите.

На сите граѓани од исламска вероисповед им посакувам овие празнични денови да ги поминете во добро расположение, благосостојба и мир“, се вели во честитката упатена од премиерот Мицкоски.