Под лупа безбедноста на објектите во Охрид
Во Охрид вонредни инспекциски контроли на угостителски и станбени објекти, училишта спортски сали. Од шест, три клубови со лиценца не ги задоволувале пропишаните услови за работа, тие добија забрана за работа. Контролите покажаа дека објектите за колективно домување во главниот туристички центар не ги исполнуваат безбедносните услови …

Вонредните инспекциски контроли во Охрид затворија три објекти, ноќни клубови и дискотеки кои не ги исполнуваа минимално техничките услови за работа. Се контролираа и училиштата, детските градинки и спортските сали. Поголемиот дел поседуваат елаборати за противпожарна заштита, имаат функционални хидратантни мрежи и исправни ПП апарати.
Најкритично е кај станбените објекти за колективно домување, повеќето не ги исполнуваат безбедносните услови.
„По однос на зградите бидејќи тие се раководени од претседатели или фирма управител таму се во овој период се работи на оспособување или ставање во функција на хидрантската мрежа, посебно оние коелктивни згради од минатото хидрантите се нефункционални, вон употреба, без црева и шибери кои се украдени или намерно уништувани, таа состојба треба драстично да се промени“, вели Кирил Пецаков градоначалник на општина Охрид.
Охрид особено е засегнат во летната туристичка сезона кога има голем наплив на туристи, забави, концерти, настани, но и тесни сообраќајни грла.
„Летниот период Охрид е оптеретен со многу народ, многу туристи, па отежнато е функционирањето каде да одат побрзо дали на концерти, дали на сообраќајки. И во Стариот дел на градот во тие тесни улици хидрантската мрежа колку што добив информации била во ред исправна. Охрид почесто подлежи на инспекции, но проблемот е индивидуално тука народот ги остава возилата по улиците“, вели Ѓуро Јовчески основач на Доброволно противпожарно друштво.
Деновиве се спроведуваат инспекциски надзори во хотелите и објектите за организирање на прослави, свадби вдолж охридско струшкото крајбрежје. Од ХОТАМ велат оваа категорија на угостители ги исполнува условите за противпожарна заштита.
Соња Рилковска
