свет

Тлото во Мјанмар не престанува да се тресе, најмалку 1.700 мртви

30.03.2025 12:09

Спасувачите во Мјанмар се во битка со времето. И натаму се трага по преживеани под урнатините. Расте црниот биланс во земјотресот од 7,7 рихтери. Регистрирани над 1.700 жртви и повеќе од 3.400 повредени. Жителите се соочуваат со хуманитарна криза. Обединетите нации апелираат хунтата да ги запре нападите додека се во тек спасувачките напори. Тлото не престанува да се тресе, регистриран нов земјотрес со магнитуда од 5,1 степен по Рихтер …

Тлото во Мјанмар не престанува да се тресе. Регистрирани неколку потреси од кои најсилниот со магнитуда од 5,1 степен по Рихтер во момент додека се трага по преживеани под урнатините. Бројот на загинати во разорниот земјотрес од петокот со јачина од 7,7 степени по Рихтер се искачи на над 1.700. Над 3.400 се повредени, десетици се водат за исчезнати. Меѓународната заедница испрати помош и спасувачи во погодените региони. Голем број волонтери се вклучија во спасувачката операција.

„Ако секој човек отстрани само еден камен, може да се спасат многу животи. Поради ограничениот капацитет, успеавме да натовариме само три возила со основни работи, вклучувајќи пелени, производи за хигиена, медицински материјали и алкохол“, изјави Јанг Дексијан, волонтер.

И покрај катастрофата, воената хунта во Мјанмар не ги запира воздушните напади врз региони под контрола на опозициските сили. Обединетите нации апелираат нападите да запрат додека спасувачите се обидуваат да извлечат преживеани. Оштетените аеродроми, патишта и мостови дополнително ја отежнуваат доставата на хуманитарна помош.

„Распоредивме персонал да работи деноноќно и отворивме зелен канал за итни случаи за да обезбедиме брзо царинење на помошта, спасувачките тимови и пациентите кои доаѓаат во земјата“, изјави Јанг Биао, од царината на Кина.

Расте бројот на жртви и во соседен Бангкок, при што најмногу загинати има на градилиште на 30-катна зграда која се урна за време на потресот. Властите се во битка со времето по потрага по преживеани. Сепак поголемиот дел од земјата одново се врати на секојдневните активности.

„Вчера се беше во хаос. Луѓето плачеа на улиците, се гледаа безброј амбулантни возила, а сообраќајот речиси мируваше. Но, денес се чини дека имаме нормален ден, многу повеќе продавници се отворени, а и метрото работи“, изјави туристка од Швајцарија.

Според податоците на Геолошкиот институт на САД, земјотресот од 7,7 Рихтери е најмоќниот што го погодил Мјанмар во повеќе од еден век.

Маријана Димовска