Платите под државна капа растат
Повеќе пари на сметките од април за здравствените, просветните работници и пензионерите. Во следните три години премиерот најавува зголемување и до 45 насто. Платите да се зголемуваат согласно со реалните трошоци за живот – порачуваат од ССМ...

Повеќе пари на сметките од април за здравствените, просветните работници и пензионерите. Платите на здравствените работници се зголемуваат до 15 насто ако се земат предвид ноемвриското и декемвриското покачување. Во следните три години премиерот најавува зголемување и до 45 насто.
За седум проценти повисоки априлски плати ќе добијат и вработените во образованието. Најниската нето-плата е 22.745 денари. МОН и СОНК потпишаа нова спогодба за раст на платите. Министерката ги демантира наводите дека не се почитуваат колективните договори и минималната плата и дека платата на просветните работници е скратена за една третина.
И пензионерите ќе добијат линеарно зголемување на пензиите од април за 2.500 денари, втората половина од најавените 5.000 денари.
Платите да се зголемуваат согласно со реалните трошоци за живот – порачуваат од ССМ. Според нив не се почитува колективниот договор, а најавените покачувања се усогласување, а не зголемување.
Нивниот став останува непроменет дека незадоволството ќе го изразат на јавни собири почнувајќи од втори април, а најмасовен најавуваат на први мај. Процесот на утврдување на репрезентативност и пребројување на членови во синдикатот е почнат и ќе продолжи и следнава недела.
Александра Велинова
