СДСМ бара лидерска средба со владејачките партии, договор сè уште нема
Опозицијата бара лидерска средба со владејачките партии. Засега, не постои расположение кај дел од нив.

Социјалдемократите ниту демантираат ниту потврдуваат, дали претседателот Филипче на лидерската ќе оди со предлог до партиите – заеднички независен кандидат за градоначалник на Кочани. Од СДСМ кусо одговорија дека е потребна ваква средба за трагедијата, но и за други теми, откако министерот за здравство Таравари рече дека лидерска средба во моментов е непотребна и е губење на време.
„Не би влегувал во таков вид на политикантство, за избори прерано е да размислуваме“, вели премиерот Мицкоски. Прифаќа средба со Филипче за да ги слушне неговите планови.
Опозициските СДСМ и ДУИ не се задоволни од истрагата за трагедијата во Кочани и побараа да се формира анкетна комисија. Интегративците отидоа чекор понатаму и со допис го известија и Советот на Европа.
Мицкоски со став дека е подготвен да разговара и дебатира не само за случувањата во Кочани, но истрагата да се прошири и за другите трагични инциденти од минатото. Претседателот на Владата вели дека истрагата ја вршат истите обвинители избрани во владата на СДСМ и ДУИ. Социјалдемократите и денес побараа оставка од Тошковски и од раководството на БЈБ.
Викторија Милевска
