Честитки по повод Рамазан Бајрам
Реисот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, во пораката по повод празникот Фитер Бајрам ја нагласи победата на доброто над злото, мирот над војната, солидарноста над поделбите, и човечноста над нечовечноста. Честитки и од државниот врв и политичарите...

Реисот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, во пораката по повод празникот Фитер Бајрам ја нагласи победата на доброто над злото, мирот над војната, солидарноста над поделбите, и човечноста над нечовечноста.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед.
„Годинава во светиот месец Рамазан, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме, вели во честитката Сиљановска-Давкова.
Честитка упати и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
„Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удопства и да не ги заборават сиромашните и сираците. Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции, вели во честитката премиерот Мицкоски.
По повод празникот честитка упати и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„После еден период на длабоко размислување, пожртвуваност и ангажираност да се доближиме повеќе кон бога, да придонесеме кон зајакнување на заедницата, толеранцијата и општествената хармонија“, се вели во честитката на собранискиот спикер, Гаши.
„Заедништвото и солидарноста се нашата сила за справување со предизвиците. Овој свет празник потсетува на основните вредности за меѓусебно почитување, солидарност и хуманост, кои се основа врз кои треба заеднички да ја градиме нашата иднина“, напиша во честитката лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче.
Наташа Гркова – Петрушевска
