Спасувачите во Мјанмар се во битка со времето, се трага по преживеани
Потресите во Мјанмар наместо помалку, одново се зголемуваат. Бројот на жртви надмина 1.700, повредени 3.400. Спасувачките екипи трагаат по исчезнатите...

Тлото во Мјанмар не престанува да се тресе. Регистрирани неколку последователни потреси во момент додека се трага по преживеани под урнатините. Расте бројот на загинати во разорниот земјотрес од петокот од 7,7 степени по Рихтер. Илјадници се повредени, стотици се водат за исчезнати.
„Задолжени сме за пребарување и спасување и за одговор во случај на медицински итни случаи, кој може да се претвори во медицинска мобилна клиника. Додека се чека спасувачкиот тим кој работи на зградите, нашиот медицински тим обезбедува медицинска нега во мобилна клиника. Тоа зависи од различни околности. Сепак, треба да ја разгледаме ситуацијата на теренот пред да донесеме одлуки“, изјави Полоковник Хајорнсак, член на спасувачки тим на тајландската војска.
„Ако секој човек отстрани само еден камен, може да се спасат многу животи. Поради ограничениот капацитет, успеавме да натовариме само три возила со основни работи, вклучувајќи пелени, производи за хигиена, медицински материјали и алкохол“, изјави Јанг Дексијан, волонтер.
И покрај катастрофата, воената хунта во Мјанмар не ги запира воздушните напади врз региони под контрола на опозициските сили. Обединетите нации апелираа за запирање на борбите додека спасувачите се обидуваат да извлечат преживеани. Оштетените аеродроми, патишта и мостови дополнително ја отежнуваат хуманитарната криза.
„Распоредивме персонал да работи деноноќно и отворивме зелен канал за итни случаи за да обезбедиме брзо царинење на помошта, спасувачките тимови и пациентите кои доаѓаат во земјата“, изјави Јанг Биао, од Царина на Кина.
Расте бројот на жртви и во соседен Бангкок, при што најмногу загинати има на градилиште на 30-катна зграда која се урна за време на потресот. Властите се во битка со времето по потрага по преживеани. Сепак поголемиот дел од земјата одново се врати на секојдневните активности.
„Работиме деноноќно со заедничка цел, да ги најдеме преживеаните. Работиме многу напорно. Успеавме да изведеме многу преживеани заедно со луѓе кои починаа“, изјави Анутин Чарнвиракул, вицепремиер на Тајланд.
И додека илјадници луѓе во Мјанмар останаа без дом, хуманитарните организации предупредуваат дека земјата се наоѓа пред нова опасност – монсунската сезона.
Маријана Димовска
