Украина

Москва и Киев го налутија Трамп

31.03.2025 11:40

Москва и Киев го налутија Трамп. Путин-затоа што и покрај разговорите за прекин на огнот, ги продолжува нападите врз Украина, Зеленски затоа што се двоуми за ретките минерали. Им се закани и на двајцата-царини до 50 насто за руската нафта, ако почувствува дека Москва ги кочи напорите за окончување на војната, и големи неволји за Украина ако се повлече од договорот за минерали...

Американскиот претседател Трамп бесен на неговиот руски колега Путин што и покрај разговорите за прекин на огнот ги продолжува нападите врз Украина. Тој се закани дека ќе воведе царини до 50 насто за целата руска нафта, доколку почувствува дека Москва ги кочи напорите за окончување на војната. Трамп го предупреди и Зеленски да не се повлекува од договорот за ретките минерали, или во спротивно ќе западне во неволја. Заканата следува откако Киев соопшти дека новата верзија на нацртот е неповолна за Украина.

„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина, и ако мислам дека за тоа е виновна Русија – што можеби и не е, ќе воведам секундарни тарифи на целата нафта што излегува од Русија. Патем, гледам Зеленски се обидува да се повлече од договорот за ретките минерали. Ако го направи тоа, ќе биде во голема неволја. Склучивме договор и сега вели – знаете, сакам повторно да преговарам. Тој сака да биде членка на НАТО, но тоа никогаш нема да се случи“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.

Додека Киев го разгледува нацрт-договорот, Москва и Вашингтон почнаа заеднички проекти за руските ретки минерални суровини, за нивно истражување и ископување, како што предложи Путин. Во однос на крајот на војната, Москва останува цврста на ставот – прво укинување на санкциите, па потоа спроведување на договорот за привремен прекин на огнот во Црно Море и врз енергетската инфраструктура.

„Веќе неколку недели има предлог на САД за безусловен прекин на огнот и речиси секој ден брутални руски напади кои покажуваат дека на Путин не му е гајле за дипломатијата. Очекуваме САД, Европа и сите други наши партнери кои вистински бараат мир и загарантирана безбедност да ги искористат сите потребни алатки и да извршат притисок врз него за дипломатијата да успее и да се спасат животите на луѓето“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Финскиот претседател Стуб, кој беше во ненадејна посета на Флорида на средба со неговиот американски колега, му порача на Трамп дека мора да постави краен рок за прекинот на огнот во Украина за тоа вистински да се случи.

„20 април би било добро време за целосен прекин на огнот без никакви услови. Затоа што е потребен рок, затоа што е Велигден и затоа што Трамп тогаш ќе биде на функција три месеци“, изјави Александар Стуб-претседател на Финска.

Во истовреме, британски „Економист“ тврди дека избори во Украина би можеле да се одржат уште летово, а Зеленски има намера да се кандидира за втор мандат.

 

Бојана Крстевски