Мјанмар

Расте бројот на жртви од земјотресот во Мјанмар, се трага по преживеани

31.03.2025 12:51

Расте бројот на загинати по земјотресот во Мјанмар. Властите проценуваат дека загинале над илјада и 700 луѓе. Домашните и странските спасувачки тимови продолжуваат со потрагата на преживеани под урнатините, но условите се тешки. Дополнителен проблем се и високите температурите, се очекува да достигнат околу 40 степени целзиусови. Тоа може да ја отежне и идентификацијата на телата. Владејачката воена хунта во Мјанмар прогласи недела на национална жалост...

Расте бројот на загинати по земјотресот во Мјанмар. Три дена по силниот потрес властите проценуваат дека загинале најмалку илјада и 700 луѓе. Спасувачките тимови се обидуваат со тешка механизација да ги извлечат заробените луѓе под урнатините. Во заедничката петчасовна спасувачка операција од кинески, руски и локални тимови, една жена е спасена откако 60 часа била заглавена под урнатините на хотел во градот Мандалеј. Во потрагата на преживеани се вклучени и јапонски спасувачки тимови.

„Истражниот тим планира да остане приближно две недели, но со проценка на најновите информации, се подготвуваме да испратиме тим за помош при катастрофи составен од медицински експерти“, изјави Цутому Иимура - генерален директор на секретаријатот на јапонскиот тим за помош при катастрофи.

Уништената инфраструктура и граѓанската војна дополнително ја отежнуваат помошта. УНИЦЕФ бара итно финансирање, за да се зголеми испораката на помош.

„Овој земјотрес е уште еден брутален удар за децата во мјанмар. тоа е криза над сите кризи. итно се потребни повеќе ресурси за да се спасат и да се заштитат животите на децата и нивните семејства“, изјави Кетрин Расел – извршен директор на УНИЦЕФ.

И во Бангкок, главниот град на Тајланд, спасувачки тимови со помош на кранови и кучиња-трагачи ја продолжуваат потрагата по 76 лица за кои се верува дека се затрупани под урнатините. Властите не губат надеж дека ќе ги пронајдат живи.

„Сè уште имаме голема надеж. Мислам дека внатре ќе најдеме некои луѓе кои преживеале. мислам дека треба да ја најдеме основната причина за барем да научиме некоја лекција и да ги подобриме градежните регулативи. Но, не денеска, не во овој час, да продолжиме со оваа истрага“, изјави Чадчарт Ситипунт – гувернер на Банкок.

Неколку згради во Бангкок беа евакуирани поради извештаи за вибрации и пукнатини што се појавија како последица од неодамнешниот земјотрес. Евакуирани и зградите на владиниот комплекс, Министерството за труд и судските згради. Земјотресот што во петокот го погоди Мјанмар во претпладневните часови, а неколку минути подоцна следеше последователен потрес со јачина од 6,7 степени, уништи згради, сруши мостови и ги закочи патиштата, а сериозни штети беа пријавени и во вториот по големина град, Мандалеј.

 

Милчо Велески