Два тур-оператори ги откажаа летовите за Охрид
Два тур-оператори ги откажаа летовите за Охрид. „Корендон“ оваа сезона нема да носи туристи од Холандија, и полскиот „Реинбоу“ ја укина линијата Варшава-Охрид. Едниот поради внатрешна реорганизација, другиот поради високи цени на хотелските услуги...

Туроператорот „Корендон“ оваа сезона нема да носи туристи од Холандија на брегот на Охридското Езеро. Поради внатрешна реорганизација компанијата ја укина чартер линијата Амстердам Охрид која во сезона оперираше три пати неделно. Во новиот летен ред на охридскиот аеродром го нема и еден од најголемите полски туроператорот „Реинбоу“ кој носеше гости од Варшава.
Причините за нивното откажување се високите цени на Алл-инклузив услугата во хотелите.
Со новите линии се отвораат можности за доаѓање на што повеќе индивидуални гости но тука би напомнал дека не треба да се запостават или стават во втор план редовните тур-оператори коишто веќе долги години оперираат на охридскиот аеродром со директни чартер линии и носат голем број на гости. Веќе за жал оваа сезона имаме намалување и откажување од некои тур-оператори бидејќи дел од угостителско – хотелскиот сектор одлучија некои услуги кои ги даваа во минатото да ги исклучат, вели Јаким Маленко тур-оператор од Охрид.
Од ХОТАМ велат цените на понудената Алл инклузив услуга се оправдано зголемени, поради драстичното поскапување на трошоците и не може да се задржат на ниво како лани.
„Општо цената за Алл инклузив која што беше понудена од повеќето хотели за жал тие сметаа дека е доста повисока и дека не очекувале толкави поскапување, но може да се каже во околината, зборуваме за Грција, Турција, Албанија дека на Алл инклузив цените а и на останатите цени за групите сме едни од поевтините“, вели Крсте Блажески.
Холанѓаните и Англичаните ќе доаѓаат со туроператорот „Туи“, а деновиве ќе се знае дали и вториот полски туроператорот „Регобис“ ќе лета за Охрид. Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ оваа сезона оперираат шест авиокомпании до 8 различни дестинации.
Соња Рилковска
