Тенис

Ѓоковиќ декласиран од Цонга

08.08.2014 10:26

Французинот во два сета, 6-2 и 6-2 за 63 минути го збриша најдобриот светски тенисер во моментот и прв фаворит на овој турнир, Новак Џоковиќ...

Жо Вилфред Цонга го направи најголемото изненадување во осминафиналето на тенискиот Мастерс од серијата 1000 во Торонто.

Французинот во два сета, 6-2 и 6-2 за 63 минути го збриша најдобриот светски тенисер во моментот и прв фаворит на овој турнир, Новак Џоковиќ.

Моментно 15-от на светската ранг листа во фуриозен ритам ја казни несфатливо индолентната игра на фаворизираниот српски тенисер и со по два брејка во двата сета и беспрекорен сервис го шокираше противникот.

Цонга по четири години ја оствари шестата победа во 19-от меѓусебен меч со Ѓоковиќ, и стави крај на црните серии од 9 последовни порази и 18 загубени сета во низа од Србинот.

Во четвртфиналето Французинот ќе се судри со Енди Мареј кој без борба го доби мечот со повредениот Ришар Гаске.

За второто изненадување во осминафиналето се погрижи Кевин Андерсон. Јужноафриканецот од 21-то место на АТП листата го елиминираше четвртиот светски рекет Станислас Вавринка во два сета, 7-6 и 7-5.

Еден час и 44 минути му беа потребни на опаснот 203 сантиметри висок сервер да го разбие фаворитот и со втората последовна победа да намали на 2-3 во победи во досегашните меѓусебни двобои со Швајцарецот.

Во мечот за полуфинале Андерсон ќе му се спротивстави на седмиот носител во Торонто, Григор Димитров, кој во три сета, 7-5, 5-7 и 6-4, го победи Шпанецот Томи Робредо.

Во втората половина од осминафиналната шема фаворитот број 2, Роџер Федерер немаше проблеми против Хрватот Марин Чилиќ. За 5-0 во меѓусебните двобои, Швајцарецот одигра три сета за победа, 7-6, 6-7, 6-4.

Во третиот меч на овој турнир, Федерер за противник ќе го има Шпанецот  Давид Ферер.

Петорангираниот на Роџерс купот, по трите сета со пресврт 1-6, 6-3 и 6-3, го испрати во публика хрватскиот тенисер Иван Додиг.

Меѓу осумте најдобри тенисери од седум различни земји во Торонто, Канада ќе ја претставува нивниот најдобар играч, Милош Раонич. Шестиот на АТП листата со 2-1, по сетови 6-3, 4-6 и 6-4 , триумфираше против Французинот Жилиен Бенето.

Вториот Шпанец во четвртфиналето, Фелисијано Лопез ќе му биде противник на Раонич, откако во три сета, 3-6, 6-3 и 6-4, го совлада четвртиот фаворит, Чехот Томаш Бердих.    

Преносот од првите четвртфинални мечеви во Торонто на Собранискиот сервис на МРТ денеска почнува од 19 часот.