Анкетна комисија за расчистување на повеќе случаи
За СДСМ е прифатлива понудата на премиерот Мицкоски, ако се формира Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, таа да се прошири и на други случаи од минатото, како пожарот во модуларната болница и автобуските несреќи со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Неделава треба да се искристализираат работите. Власта, пак, чека формално барање од Филипче за лидерска средба.

СДСМ ја прифаќања фрлената ракавица од власта, ако се формира анкетна комисија како што предложија социјалдемократите, таа да ги опфати и случаите од минатото, пожарот во модуларната болница и автобуските несреќи на „Беса Транс“ и „Дурмо Турс“. Лидерот на партијата, Венко Филипче повика да се одржи лидерска средба на којашто ќе се разговара за начинот на кој се води истрагата за трагедијата, но и за реформите во правосудството, образованието, интеграцијата во ЕУ.
Откако премиерот Мицкоски му повика Филипче лично да му го претстави планот за лидерска, од ВМРО-ДПМНЕ чекаат и формална покана за средбата. Оттаму инсистираат, Анкетната комисија со својата работа да оди многу подлабоко и да ги опфати и другите несреќи со многу смртни случаи.
Во меѓувреме, ДУИ повика да се формира парламентарна комисија со учество на меѓународниот фактор, но и да се проверат релациите на власта со фирмата којашто кобната ноќ ја обезбедувала дискотеката „Пулс“.
Игор Панов
