Здравство

Шест пациенти се враќаат од странство, симулациска вежба одржана пред трагедијата помогнала во координацијата меѓу институциите

31.03.2025 16:47

Шест повредени во пожарот во кочанската дискотека се враќаат од странство, неколкумина интубирани во тешка здравствена состојба. Симулациска вежба одржана пред трагедијата им помогна на лекарите во координацијата со кризните тимови…

Петмина пациенти од Србија и еден од Италија, повредени во пожарот во кочанската дискотека, се враќаат во земјава. По 24-часовниот лекарски надзор во клиниките, ќе заминат на домашно лекување. И натаму е тешка здравствената состојба на пациентите кои се интубирани. Во домашните клиники нема нови исписи, остануваат 16 пациенти. Генерално, тоа се пациенти на кои им беше направена трансплантација на кожа.

„Кај нас се извршени неколку операции со трансплантација на кожа во градската болница и на пластична хирургија, за пациентите кои се наоѓаат во странство во зависност од здравствената состојба и тријажата кога ќе дојдат на конзилијарен преглед ќе видиме дали ќе треба да се направат нови операции или рехабилитација“, вели д-р Игор Мерџановски – директор на Клиника за трауматологија.

Два месеца пред да се случи несреќата во кочани, лекарите имале симулациска вежба со слично сценарио, кое, како што вели доктор Мерџановски, им помогнало, затоа што се обновила координацијата меѓу нив и институциите за спасување цивили во кризни ситуации.

„Сценариото беше Ласкарци, имаше пожар, имаше изгорени и повредени пациенти. Најважно ни беше што на таа вежба ги формиравме системите и кризните штабови, кога се случи трагедијата во Кочани ние веќе имавме кризни штабови кои беа оформени и поврзани меѓу себе“, вели д-р Мерџановски.

Во Кочани има тимови од психолози и психијатри кои им помагаат на граѓаните за надминување на колективната траума, предизвикана од трагедијата.

За пациентите кои се на домашно лекување, се грижи тим од пластични хирурзи, кои во кочанската болница им вршат преврски и контроли.

Андријана Ѓурческа