Европа

Марин Ле Пен прогласена виновна за проневера, не може да се кандидира за претседателка на Франција

31.03.2025 16:05

Судот во Париз ги прогласи Марин Ле Пен, осум пратеници и уште неколку членови на нејзината партија за виновни за проневера на европски пари. Изречена е затворска казна за Ле Пен, која е заштитен знак на француската екстремна десница. Таа доби и петгодишна забрана да се кандидира за јавна функција…

Пресудата дека е виновна ги загрози надежите на Марин Ле Пен за учество во претседателската трка во 2027-та. Заштитното лице на француската екстремна десница доби петгодишна забрана да се кандидира за јавна функција откако беше прогласена за виновна за проневера на европски пари. Парискиот суд ѝ одреди четиригодишна затворска, од кои две години ќе бидат условни, а таа треба да плати и парична казна од 100.000 евра. Ле Пен има право на жалба, но забраната за кандидирање за јавна функција стапува на сила веднаш, освен ако не биде укината од друг суд. Таа со осуммина нејзини сопартијци се осудени за проневерата тешка 4,1 милион евра.

„Мислам дека судот многу јасно кажа дека нема никаков сомнеж за организацијата на системот што бил воспоставен, чијашто цел била да се проневерат фондови од Европскиот парламент преку правилата со кои се уредуваат парламентарните асистенти. Очигледно немаше ниту едно двоумење од страна на судот во однос на пресудата“, рече Патрик Маисонев, адвокат на Европскиот парламент.

Жордан Бардела, кој ја наследи Ле Пен на функцијата, со жестока реакција на пресудата.

„Денес не е само Ле Пен Неправедно осудена. Ова е егзекуција на француската демократија“, напиша Бардела.

Европската десница со поддршка за Ле Пен. Унгарскиот премиер Орбан на социјалните мрежи порача „И ја сум Марин“, Италијанецот Салвини рече оти пресудата е објава на војна од Брисел, а се огласи и Москва.

„Не сакаме да се мешавме во внатрешните работи на Франција, но ова покажува дека сè повеќе европски престолнини не се срамат да ги погазат демократските правила“, изјави портпаролот на Кремљ, Песков.

Ле Пен, осум пратеници и 12 нејзини сопартијци се осудени за злоупотреба на европски пари кои ги користеле за партиски цели.

Викторија Милевска