Украинскиот претседател на линија со сојузниците за планот за мир
Киев и Лондон на линија за јакнење на безбедноста во Украина. Неделава воени претставници на Велика Британија, Франција и Украина ќе одржат состанок. Шефот на Белата куќа вели дека нема да воведе санкции за руската нафта и очекува договор со Путин и Зеленски. ЕУ бара да биде дел од преговорите во момент додека размислува на сопствената одбрана на границите...

Британски, француски и украински воени претставници ќе одржат состанок наредните денови, со фокус на напорите за јакнење на безбедноста на Украина. Украинскиот претседател разговарал со британскиот премиер Стармер за заеднички чекори за мирот и безбедносните гаранции. Разговорот следува по неодамнешната средба во Париз на „коалицијата на подготвените“.
„Ја цениме позицијата на Обединетото Кралство во однос на притисокот врз Русија – притисокот мора да биде доволно силен за да ги спречи Русите да ја прошират оваа војна. Москва бесрамно ги исмева напорите на нашите партнери за унапредување на мировната агенда – со постојани нови напади со беспилотни летала и немилосрдно, брутално гранатирање. Само преку притисок може да се стави крај на ова и Русија да биде принудена на мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат битките и нападите со беспилотни летала. Кремљ соопшти дека Русија и САД ги разгледуваат можните опции за мировно решение на војната во Украина. На прашањето дали ќе наметне санкции за руската нафта откако изјави дека му е лут на Путин, американскиот претседател вели НЕ, сака договор.
„Мислам дека тој ќе го исполни тоа што ми го кажа и дека ќе го исполни својот дел од договорот. Сега се надеваме дека и Зеленски ќе исполни очекуваното. Гледам дека се обидува повторно да преговара за ретките минерали“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од ЕУ велат дека Европа треба да биде на преговарачка маса за мирот во Украина, а во исто време треба да ги зголеми трошоците за одбрана. Шефицата на надворешна и безбедносна политика потенцира дека Брисел има тешкотии со воведувањето санкции кон Русија поради Унгарија.
„Проблемот со трошоците за одбрана е што секогаш треба да инвестирате во време кога имате мир и луѓето навистина не чувствуваат дека тоа е потребно. Но, кога е потребно, предоцна е, бидејќи сите овие набавки одземаат време кога се подготвуваме, агресорот всушност не направи никаков чекор кон нас. Значи, за да ја спречиме војната, треба да инвестираме повеќе во одбраната токму сега“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
И додека ЕУ разгледува начини за поголемо вложување во сопствената одбрана, Кремљ објави пролетна мобилизација на 160.000 граѓани кои ќе бидат регрутирани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули. Регрутите нема да бидат испратени во новите региони на Русија ниту ќе учествуваат во специјални операции, соопшти руското Министерството на одбрана.
Маријана Димовска
