Кина почна голема воена вежба околу Тајван
19 кинески воени бродови се распоредени околу Тајванскиот остров. Кина почна голема воена вежба со единствена цел – одвраќање на островот од идејата за независност. Во Јужно Кинеското Море стациониран е и кинескиот носач на авиони Шандонг...

Големи воени вежби на кинеската армија во близина на Тајван. Околу островот се распоредени неколку воени бродови, меѓу нив и носачот на авиони Шандонг. Во заедничката вежба се вклучени копнените и воздушните сили, морнарицата на Кина со една мисија – предупредување за одвраќање од независноста на Тајван.
„Источната команда на армијата организира копнена, морска, воздушна, ракетна воена вежба за лансирање од бродови и авионски пристап од повеќе правци кон островот Тајван. Блокирани се клучни области и патишта за потребите на тестирањето на реалната борбена способност на трупите“, изјави Тиан Лианг – презентер на кинеска телевизија.
Од Министерството за национална одбрана на Тајван потврдуваат дека во близина на островот се наоѓаат 19 бродови на кинеската армија. Додаваат дека го следат движењето на носачот на авиони и оти тој навлегол во тајванската зона. Предупредуваат дека кинеските воени вежби ги нарушуваат мирот и стабилноста во регионот.
„Ваквите дејствија од кинеската страна целосно го нарушуваат мирот и стабилноста во регионот, што ја прави Кина предизвикувач на немири“, изјави Велингтон Ку – министер за одбрана на Тајван.
„Различни вежби на кинеската комунистичка партија продолжуваат да се одржуваат околу Тајван и ова не е првпат. Остануваме будни како и секогаш. Нашите одбранбени единици ќе се погрижат нивните вежби да не влијаат на тајванското општество, рибарските чамци во околните води или на воздушниот сообраќај“, изјави Чо Јунг Таи – премиер на Тајван.
Воените вежби околу островот за кој Кина смета дека е нејзина територија, доаѓаат по изјавите на тајванскиот премиер Лаи кој го нарече Пекинг – странска непријателска сила. Кина објави и пропагандно видео во кое тајванскиот премиер го нарекува паразит кој го изгладнува островот до негово крајно уништување.
Маја Стојанова
