Член на обезбедувањето на премиерот Мицкоски доби 30-дневен притвор
Полицаецот и член на обезбедувањето на премиерот Мицкоски доби 30-дневен притвор под сомнение дека сторил кривично дело оддавање службена тајна. Ќе го издржува во затворот во Шуто Оризари. Од СДСМ обвинија дека телохранителот на Мицкоски оддавал тајни на нарко-картели. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија - законот за сите подеднакво ќе важи...

Полицаецот и член на обезбедувањето на премиерот Мицкоски доби 30-дневен притвор под сомнение дека сторил кривично дело оддавање службена тајна и е спроведен во затворот во Шуто Оризари. Беше фатен во акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а во неговото „бе-ем-ве“ бил пронајден ранец со службени материјали од МВР.
„Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.03.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице-сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, се вели во соопштението од Обвинителство.
Обезбедувањето на Мицкоски е составено од најголемите криминалци во државата, кои тој лично ги одбрал на тие позиции, обвинија од СДСМ. Од партијата прашуваат дали премиерот е лично вклучен и ги диригира криминалните процеси во земјата. Од опозициската партија се сомневаат за постоење силна координација и соработка меѓу најблиските луѓе на Мицкоски и криминалното подземје.
Нема милост за криминогените лица, дали бил член на СДС, член на ВМРО-ДПМНЕ или обезбедување на премиерот. Законот за сите подеднакво ќе важи, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да ја поздрават акцијата на МВР, да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС само реагира без конкретни и реални решенија.
Детали каде требало да завршат материјалите, од Обвинителството и од МВР не се откриваат бидејќи истрагата е тајна. Не се открива ниту од каде се изнесени, за какви материјали станува збор, како и кој требало да ги подигне.
Од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција укажуваат дека ниту лицата, ниту документите во предметот, не се поврзани со лицата и групата од Грчец.
Милчо Велески
