Србија

Од утре до петок консултации за нова влада на Србија

01.04.2025 17:03

Кај претседателот Вучиќ утре почнуваат консултациите за нова влада што ќе траат до петок. Рокот за доделување мандат за премиер и формирање влада е 18-ти април...

Покана за консултации за новата српска влада добија сите пратенички групи, од кои пет или шест партии ќе дојдат на консултации што ќе траат до петок, најави претседателот Вучиќ.

„Очекувам најголемата пратеничка група и како последни, СНС, да ме информираат дали сакаат да формираат влада или сакаат нови избори. Она што сум сигурен и што се совпаѓа со моето мислење е дека кај нив не постои расположение за каква било преодна влада и сигурно нема да имаме преодна или експертска влада“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Најголемиот дел од парламентарните опозициски партии преку заедничко соопштение изјавија дека нема да одговорат на поканата на претседателот Вучиќ за консултации за нова Влада на Србија, наведувајќи дека можат да разговараат само за преодната влада. Според нив, „заменета на владата што падна со нова не води кон решение, туку до продлабочување на политичката криза“.

Опозицијата и невладините организации што застанаа зад протестите на студентите, бараат прво исполнување на нивните барања, формирање експертска влада чија главна цел ќе биде создавање услови за нови фер избори.

Дали Србија ќе има нова влада или нови избори, ќе се знае до 18-ти април кога е рокот за именување мандатар.

Во меѓувреме од 11 до 13 во Белград Вучиќ најави во Белград голем народен собир што ќе го одржи иницијативниот одбор на неговото Движење за народ и држава, како ребрендирање или освежување на СНС.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ