Судски совет

Новоизбраните судии дадоа свечена изјава

01.04.2025 14:48

Новоизбраните судии од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители, денеска во Судскиот совет дадоа свечена изјава со што официјално станаа судии...

Давањето оставка од страна на членовите на Судскиот совет, на кои македонското Собрание им изгласа недоверба, е личен чин, вели претседателот на ова тело, Александар Камбовски. Постапката пак, за утврдување одговорност и нивно разрешување, објаснува Камбовски, е сосема поинаков процес, од тој што се одвиваше во Собранието и е регулиран со Законот за Судски совет. Согласно него, за разрешување на член на Судскиот совет, потребни се најмалку осум гласови, од кои два од членовите кои не се од редот на судовите.

Македонското собрание минатиот месец, со 67 гласови, им изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет, Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа. На тројца од нив, шестгодишниот мандат им завршува до крајот на годинава, на еден следната, 2026 та, а на петтиот член, во 2027-ма година.

Во меѓувреме, во Судскиот совет, свечена изјава дадоа 49 мината новоизбрани судии, од редот на кандидатите на академијата за судии и јавни обвинители. Ова е солидна бројка, која иако го ублажува, не го решава целосно проблемот со недостаток на судии, особено во помалите места низ Македонија, вели претседателот на Судскиот совет, Камбовски.

 

Марија Котовска