Свет

Јакнење на одбраната на Киев во фокус на Европа

01.04.2025 17:35

Договорена средба на воени претставници на Лондон, Киев и Париз. Дебатата следува по неодамнешната средба во Франција на „Коалицијата на подготвените“.

Сè погласна дебатата во ЕУ за зајакнување на одбраната и украинската безбедност. Зеленски на линија со британскиот премиер Стармер. Договорена средба на воени претставници на Лондон, Киев и Париз. Дебатата следува по неодамнешната средба во Франција на „Коалицијата на подготвените“.

„Ја цениме позицијата на Обединетото Кралство во однос на притисокот врз Русија – тој мора да биде доволно силен за да ги спречи Русите да ја прошират оваа војна. Москва бесрамно ги исмева напорите на нашите партнери за унапредување на мировната агенда – со постојани нови напади“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Кремљ тврди дека заедно со САД ги разгледуваат можните опции за мировно решение. Во Москва средба Лавров – Ванг Ји, се продлабочуваат руско-кинеските односи. Пекинг уверува дека гледа напредок во мировниот процес

„Иако ситуацијата на бојното поле не е нималку лесна, постои тенденција кон мировни преговори. Путин и Трамп веќе разговараа двапати по телефон, тимовите на Москва и Вашингтон се во контакт, се одржа сериозна дискусија за политичкото решение на украинската криза и за подобрување на руско-американските односи, а постигнати се одредени резултати“, рече Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.

Договор сака и Трамп. Иако му се налути на Путин, тој е оптимист дека нема да има потреба од санкции за Русија.

„Мислам дека тој ќе го исполни она што ми го кажа и мислам дека ќе го исполни својот дел од договорот. Се надеваме и Зеленски ќе го исполни очекуваното. Гледам дека тој се обидува повторно да преговара за ретките минерали“, нагласи американскиот претседател Доналд Трамп.

Од Киев потврдија дека првиот круг консултации со САД за најновиот договор за минерали е во тек. Велат-документот мора да се усогласи со интересите на земјата.

„Веруваме дека текстот на договорот, кој предвидува зголемено присуство на моќни и големи американски бизниси, е исто така важен придонес за безбедноста на Украина“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.

За Украина да биде безбедна мора да стане членка на НАТО-вели литванскиот шеф на дипломатијата.

„Решенијата за Украина да биде безбедна ние ги гледаме преку долгорочната поддршка за Киев и членството на Украина во НАТО“, рече Кестутис Будрис, министер за надворешни работи на Литванија.

Тој предупреди дека Русија е цврста во намерата за украинските територии додека Кремљ објави пролетна мобилизација на 160.000 граѓани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули. Министрите за надворешни работи на НАТО треба да се состанат в четврток и петок во Брисел.

Во Брисел пред европратениците изнесени заклучоците од итниот самит на лидерите на ЕУ за поддршката на суверенитетот на Украина и зголемување на трошоците за одбрана на блокот.

Бојана Крстевски