Филипче утре на прес-конференција ќе го претстави планот за лидерска средба
Детали за форматот и конкретно за темите, не се соопштуваат, но извесно е дека опозицијата сака да дискутира за реформи во судството, образованието, здравството и интеграциите.

Лидерот на социјалдемократите Венко Филипче утре на прес-конференција ќе го претстави планот за лидерската средба што ја бара неговата партија. Детали за форматот и конкретно за темите, не се соопштуваат, но извесно е дека опозицијата сака да дискутира за реформи во судството, образованието, здравството и интеграциите.
Пратеничката Тренчевска потврдува дека нејзината партија е согласна да се формира и анкетна комисија за пожарот во Кочани, којашто може да се прошири и за останатите катастрофи – Модуларната болница, Ласкарци, несреќата во Бугарија.
Мицкоски е подготвен да го слушне планот на Филипче и го покани на средба, но порача дека сериозните теми бараат сериозен пристап. Идејата за лидерска средба веднаш ја отфрли министерот Таравари, од коалицијата ВРЕДИ. Овие несинхронизирани изјави, ја потврдија и тезата на овој колациски партнер, кој откри дека албанското крило е со различни ставови и има канали на комуникација со ДУИ.
Партнерите од демократското движење, Беса и Алтернатива, сепак се оградуваат од изјавата на Таравари дека постојат канали за комуникација со интегративците, категорично демантирајќи дека се разговара со како што велат – луѓе кои се на црната листа на САД, осомничени за корупција.
Партиското трио е децидно дека немало, ниту има планови за соработка со ДУИ.
Анита Димитријевска – Велковска
