Продолжува судењето за двојното убиство
Во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за убиството на Вања и Панче...

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска од 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. На минатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче.
Претходно, беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра. Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот.
И Манев, како и Видевски, посочија дека биле изложени на тортура при нивните распити во полицијата.
Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
